100 Thieves го комплетираа својот Valorant состав со PUBG играчи

100 Thieves

Еспорт организацијата 100 Thieves пред неколку недели започна со формирањето на својот Valorant состав, а првиот играч во тимот беше CS:GO ветеранот Спенсер Hiko Мартин, кој стана првиот член на екипата. Денес американската организација ја комплетираше екипата со уште четири нови имиња.

Имено, 100 Thieves го комплетираа својот Valorant ростер со потпишувањето на четворица поранешни играчи од Highgroud составот. Четирите нови имиња ќе му се приклучат на Спенсер Hiko Мартин, капитенот на екипата. Петтиот играч на Highground, Џејден Vegas Џејмс, неговата позиција и улога во тимот веќе беше пополнета од Hiko и поради тоа останува без тим.

„Riot Games го направи еден од најуспешните и најпопуларните еспорт наслови на сите времиња со League of Legends, па кога разбрав дека влегуваат во FPS жанрот, знаев дека морам да бидам дел од тоа“, изјави Метју Nadeshot Хаг, основачот и извршен директор на 100 Thieves, по официјалното соопштение за комплетирање на ростерот во Valorant.

Ова ќе биде првиот ростер во Valorant во кој мнозинството нема да го сочинуваат поранешни CS:GO играчи, со оглед на тоа дека само Hiko има таква позадина, додека останатите членови од ростерот досега беа дел од PUBG сцената, каде покажаа високо ниво на квалитет, па ќе биде интересно да се види како ќе се снајдат во новото опкружување. Искуството на Hiko секако дека ќе им биде од голема корист.

Инаку, за време на бета верзијата, ESPN ги собра сите професионални играчи од другите FPS и battle royale наслови со цел да одржи мал турнир. PUBG играчите, од кои тројца од новиот состав на 100 Thieves, завршија на последното место.