Apex Legends добива нов карактер во шестата сезона

Apex Legends

Apex Legends се соочува со сериозни „протекувања“ на информации, а најновите откриваат детали за Nova – која веројатно ќе биде нов женски карактер во овој battle royale кога ќе биде лансирана шестата сезона.

Како што секоја Apex Legends сезона завршува, играчите неретко добиваат свежи информации за идните планови, благодарение на data miner-ите кои „копаат“ низ новите фајлови додадени од Respawn Entertainment. Во минатото, тие успеале да најдат и голем број информации и детали за новите легенди.

Уште во првата сезона, целосна листа на легенди кои беа во развој „протече“ во јавноста и иако не сите беа објавени, дел од нив беа додадени во играта. Со новите фајлови додадени во Apex со стартот на Lost Treasures Collection Event, упорните трагачи по дополнителни информации успеаја да дојдат до нови детали.

Најновиот детал би требало да биде нова легенда за која открија дека ќе се вика Nova. Shrugtail, еден од најсигурните „инсајдери“, објави фотографија од новиот карактер Nova, како и неколку други детали.

„Таа буквално е наречена pilot_medium_nova, како и сите останати легенди, на пример pilot_medium_loba“, додава „инсајдерот“, посочувајќи и други детали кои се пронајдени. Женскиот карактер исто така очигледно го зазема местото на претходно „разоткриениот“ Valk, со тоа што Shrugtail додаде дека повеќе не постојат никакви траги од тоа име во фајловите, како што имаше претходно.

Се разбира, развојниот тим на Apex не се ниту малку наивни и често знаат да користат трикови. Не ги заборавајте сите оние тизери за Forge пред четвртата сезона, само за на крајот да биде убиен и заменет со Revenant. Треба само да почекаме и да видиме што подготвуваат девелоперите за следната сезона.