Барселона во еспорт офанзива, се приклучува кон нова „дисциплина“

Барселона

Славниот шпански фудбалски и спортски гигант Барселона сака да го прошири своето еспорт семејство и да се натпреварува во уште една дисциплина, а станува збор League of Legends. Конкретно, Барселона сака да влезе во кинеската LoL лига.

Клубот од Шпанија сака да спонзорира екипа од LPL лигата и да влезе на професионалната League of Legends сцена, исто како што направи и францускиот клуб ПСЖ минатата година кога одлучи да го спонзорира тимот на Talon Esports. Причината за ваквиот потег на Барса е желбата да се заштеди на креирање на нова франшиза, така што ќе потпише екипа која веќе се натпреварува, а тоа е олеснителна околност, бидејќи лиценците за натпреварувањето се проценуваат на повеќе од пет милиони евра.

Во Барселона веќе креираа бизнис план кој сакаат да го искористат за кобрендирање преку различни содржини, спонзорства и опрема кои ќе ги носат обележјата на новиот бренд и ќе започне со генерирање на прходи.

Во моментов Барселона има тимови во различни еспорт дивизии како што се Rocket League, PES и Hearthstone, а Tencent, матичната компанија на Riot Games и главен организатор на LPL лигата веќе соработува со клубот со цел да го олеснат пристигнувањето на организацијата во кинеската лига. Барселона во целост го користи партнерството со Tencent, а со тоа и ја лансира својата најголема офанзива во еспорт индустријата. Договорот меѓу Барселона и Tencent наскоро треба да биде официјализиран, а Барса се уште нема одлучено кој тим ќе го откупи, иако има повеќе кандидати.

LPL лигата е сочинета од 17 тимови за сезоната 2021, а можноста за комерцијална експлоатација е огромна, со оглед на тоа дека турнирот веќе има огромна листа на спонзори вклучително и Mercedes-Benz, Nike, KFC, Oppo или Intel, а за популарноста на оваа лига сведочат и бројките, според кои во 2020 година лигата собрала 56 милиони прегледи преку видео стримови.