Battlefield 2042 добива забавен мод со подобрена верзија на старите мапи

2042

Battlefield 2042 ќе биде сместен во блиската иднина, но ако може да се верува на една мошне интересна и реална шпекулација, во новата игра ќе имаме можност да посетиме и некои стари мапи преку еден посебен мод.

Неодамнешната најава за Battlefield 2042 воодушеви голем број фанови на славниот серијал, но ако сте меѓу онаа екипа која не е баш сигурна околу футиристичкиот стил на новата игра, во прилог ви носиме информација која би можела малку да ве орасположи.

Имено, како што пренесува VG247, „протече“ информација за новиот мод во Battlefield 2042 наречен Battlefield Hub. Како што велат шпекулациите, овој посебен мод во играта ќе ни овозможи повторно да ги посетиме ремастеризираните верзии на некои од класичните Battlefield мапи од претходните наслови. На официјалната страница на Battlefield веќе видовме мал „хинт“ за овој мод на играта, но таму се уште не е именуван како Battlefield Hub, ниту се достапни повеќе информации од тоа дека е „дизајниран како љубовно писмо за фановите на серијалот“.

Забава за сите фанови на серијалот

Но, новите информации за овој мод ни доаѓаат од сигурниот инсајдер Том Хендерсон, кој во своето последно видео вели дека Battlefield Hub ќе содржи ремастеризирани верзии на мапите од старите Battlefield наслови. Според него, ова би требало да биде „забавен sandbox мод“ без нов состав на класите, но во новиот Battlefield 2024 енџин, само на ремастеризираните верзии на некои од познатите Battlefield мапи со стари оружја и возила.

Вели дека ова би требало да биде забавен мод во смисла дека од него не треба да се очекува баланс и вистинско компетитивно искуство, туку sandbox „зезанција“ преку мешавина на стари оружја од Battlefield 1 и помодерно вооружување и возила од, на пример, Battlefield 3.

Хендерсон зад себе има историја на лансирање точни информации, па иако сето ова делува веројатно и вистинито, треба да се има предвид дека ништо уште не е официјално потврдено.

Ако се суди според натписот на официјалната страница на новиот Battlefield, официјалната најава за овој мод ќе дојде на 22 јули кога ЕА ќе одржи своја EA Play Live конференција.