Бекам ангажираше еден од највлијателните CS:GO и еспорт фаци како консултант

Бекам

Новата еспортс организација Guild, чиј сопственик е поранешната фудбалска мега ѕвезда Дејвид Бекам, го ангажираше еден од најпознатите еспортс аналитичари, Данкан Thorin Шилдс како консултант за својата CS:GO петорка.

Thorin е еден од најпознатите и највлијателните луѓе не само во CS:GO, туку и во целата еспорт заедница. Исто така важи и за мошне контроверзна личност, која не е баш омилена меѓу фановите и играчите, но неговото познавање за самиот еспорт е огромно и со ова Guild направи одличен потег.

Ако сакате да имате нова петорка, која ќе може да се натпреварува и да биде конкурентна во следните неколку години, важно е да имате и луѓе кои знаат како функционира системот и кои добро се разбираат во својата работа. Ако некој умее да биде добар критичар, тогаш тоа е Thorin, поради што нема сомнежи дека ќе се обиде да ги доведе најдобрите можни кандидати кои во моментов се на „пазарот“.

Инаку, Guild е организација која пред неколку месеци ја основаше Дејвид Бекам. На самиот почеток започнаа со натпреварување на FIFA и Rocket League сцената, за пред неколку недели да го претстават својот Valorant состав, на чие чело се наоѓа некогашниот CS:GO играч на Fnatic и NIP, Вилијам Draken Сундин. Сега имаат желба да го прошират своето делување и на Counter-Strike, па ќе биде интересно да се види какви ќе бидат нивните амбиции. Поставувањето на Thorin на позицијата на консултант само по себе звучи како мошне амбициозен проект, па останува да почекаме и да видиме дали Guild ќе стане CS:GO великан во блиска иднина.