Добри вести од Sony, ќе се произведат доволно PS5 конзоли

PS5 конзоли

Од Sony порачуваат дека обезбедиле доволен број на полупроводници со цел до април 2022 година да продадат 22,6 милиони PS5 конзоли.

Во првите осум месеци од постоењето на PlayStation 5 конзолата, испорачани се 10,1 милион примероци од истата. Од Sony наведуваат дека во следните осум месеци ќе се испорачуваат уште повеќе PS5 конзоли, иако светот се наоѓа среде глобален недостиг на полупроводници, односно микрочипови.

Од Sony ги уверувале инвеститорите дека компанијата презела одредени мерки и обезбедила доволен број на производни материјали за до април 2022 да достигнат бројка од 22,6 испорачани PS5 конзоли. Со други зборови, во следните осум месеци ќе се произведат 12,5 милиони конзоли.

„Кога станува збор за недостигот на микрочипови и полупроводници, ние не сме загрижени“, кратко истакна Хироки Тотоки од Sony.

Ако сите произведени конзоли успеат да се продадат до април 2022 година, PlayStation 5 во првата фискална година ќе биде поуспешен од PlayStation 4. Инаку PS5 веќе запиша една победа, откако до точно 10 милиони продадени примероци на PS5 конзоли дојде за 20 дена побрзо отколку PS4.

Исто така, објавено е дека компанијата веќе остварува добивка од продажбата на овие конзоли, барем кога станува збор за стандардниот модел. Ако сето ова е вистина, Sony е во прилчно силна позиција за во иднина.