Додека Sony дреме и се заканува со тужби, Xbox лансира нов џојстик за Series X

Xbox

Поминаа неколку месеци од лансирањето на next-gen конзолите на Sony и Microsoft. Xbox Series X/S и PlayStation 5 ја започнаа најновата „војна на конзолите“ која, очекувано, стивна во последниот период. Секој си има свој фаворит, тоа е јасно, но споредбите и понатаму не престануваат.

Сепак, кога станува за PS5, најголем дел од гејмерите не кријат дека посакуваат да имаат барем опција за нешто поинаков дизајн. Голем број компании се обидоа да ги понудат оние бели панели кои лесно се отстрануваат во некоја друга боја, но Sony се заканува со тужби, па се приморани да се откажат, а дел од инает си тераат по свое и го предизвикуваат јапонскиот гигант.

Во секој случај, Sony се уште нема никакви назнаки за некои нови дизајни на PS5. За разлика од нив, Xbox ги слуша барањата на фановите и на истите одговара соодветно, па така, сопствениците на најновата конзола на Microsoft, од следниот месец ќе можат да си добијат нов контролер.

Имено, Xbox го претстави Pulse Red контролерот кој е вистинско освежување, кога станува збор за бојата. Со својата црвено-бела комбинација отскокнува од другите три контролери кои беа претставени со лансирањето – црниот, белиот и синиот. Па така, додека PlayStation 5 уште нема ни втора боја најавено за DualSense, Xbox веќе нуди четири бои.

Предниот дел на контролерот е црвен, а задниот дел е бел, додека аналогните команди и копчињата се црни. Навистина станува збор за атрактивен контролер и ќе може да се нарача од 9 февруари 2021 година. Најдобро од се е тоа што како и останатите контролери за Series X, Pulse Red верзијата ќе биде компатибилна со сите претходни Xbox конзоли, PC и Android уреди.

Од друга страна, веројатно ова е единствениот начин на Xbox да компензира за DualSense контролерот на PlayStation 5, кој пак е приказна за себе и е сосема една поинаква димензија и е буквално без конкуренција, а тоа го призна и шефот на Xbox, Фил Спенсер.