Dr Disrespect ја дозна причината за бан, најави тужба против Twitch

Dr Disrespect

Популарниот стример Dr Disrespect пред нешто повеќе од една година доби перманентен бан од Twitch поради, за јавноста, непознати причини. Тој самиот не зборуваше многу за сето ова, а Twitch секако нема навики да ги објавува причините кога ќе одлучи на некој стример да му го исклучи комплетно каналот. Иако имаше назнаки дека трајниот бан се случил поради неговите теории на заговор за поврзаност меѓу 5G мрежата и коронавирусот, Dr Disrespect ги демантираше ваквите гласини.

Во неодамнешниот пренос во живо на својот YouTube канал, Гај Бим, како што гласи неговото вистинско име, пред своите гледачи призна дека подготвува тужба против Twitch. Причина е трајниот бан на таа платформа. Бим тврди дека ги дознал вистинските причини за блокадата, која според неговите зборови му нанела голема штета. Како што вели, трајната забрана на Twitch најмногу се почувствувала на финансиите, но и во односите со голем број партнери и спонзори.

Иако точната причина за трајната забрана и понатаму не е позната за јавноста, постои веројатност истата да се дознае во текот на судскиот процес. Кога истиот ќе започне, Гај не сакаше да открие, но според неговите намери – тоа би требало да биде наскоро. Во моментот кога беше отстранет неговиот профил, Бим имаше 23 илјади претплатници на својот Twitch канал.

Но, не е се така лошо во неговиот живот. Dr Disrespect неодамна започна потрага по лице кое со него би основало студио за развој на високобуџетни игри. Амбициозниот проект вклучува и развивање на игри во соработка со други големи стримери, каде истите тие би имале улога и на промоција на истите. Меѓутоа, пред тоа ќе мора да се соочи на суд со Twitch со цел да се обиде да докаже дека одлуката за траен бан била неважечка и нефер.