E3 настанот за 2021 откажан, но не е се така црно

E3

Е3 настанот за 2021 година е и официјално откажан, барем кога станува збор за традиционалниот начин на одржување. Веќе постоеја најави дека Electronic Entertainment Expo гејминг настанот во 2021 нема да се одржи, но според најновите информации, сето ова се потврдува.

Првично објавено на Resetera, градот Лос Анџелес во својата агенда потврди дека E3 2021 е „откажан настан во живо во 2021“. Иако оваа агенда не открива точно зошто настанот е откажан, секако дека причината е пандемијата на коронавирусот. Ова делува како конечен доказ дека E3 2021 нема да се одржи во in-person формат, што ќе биде втора година по ред како E3 е откажан.

Во секој случај, се планира одржување на целосно дигитален настан. Организаторите претходно потврдија дека го трансформираат E3 искуството за 2021 и наскоро ќе ги објават деталите околу тоа како ќе ја соберат глобалната заедница на видео игри на едно место.

Дигиталниот настан ќе се одржи од 15 до 17 јуни. Целиот онлајн евент наводно ќе има и preview сесија ден претходно, а потоа ќе следуваат и неколку важни сесии, како и помали стримови од паблишерите.

Ова значи дека нема да имаме физички E3 2021, но тоа и не е така лошо. Агендата исто така открива дека градот Лос Анџелес „работи на лиценцата за 2022 и 2023“, најавувајќи дека постојат планови да се врати физичкиот настан на E3 во иднина, иако тоа не може да се предвиди во моментов поради актуелната криза.