F1 2021 го добива Digital Deluxe изданието со седум легендарни возачи

F1 2021

Codemasters во текот на вчерашниот ден откри кои возачи ќе ја красат насловната страна на F1 2021, кога ќе излезе во јули. И додека F1 2020 имаше различни возачи на насловната зависно од регионот во кој ќе ја купите играта, новата игра ќе имаат стандардизирана глобална насловна страница.

Кога станува збор за ѕвездата од насловната страна, тука е возачот на Mercedes и седумкратен светски шампион Луис Хамилтон, кој е во потера по својата осма титула оваа сезона. Спроти него стои Макс Ферстапен, возачот на Red Bull кој важи за негов главен ривал за титулата. Третиот, но ништо помалку важен возач на насловната страна е Шарл Леклер, возачот на Ferrari, кој во моментов е петти во првенството.

Но, покрај сето ова, Codemasters исто така најави и седум „икони“ кои ќе можат да се најдат во My Team модот, но само за оние играчи кои ќе ја преземат Digital Deluxe едицијата. Тоа се возачи кои можете да ги изберете за сопствениот тим кои ќе возат покрај вас, а треба да се истакне дека станува збор за возачи кои заедно имаат 16 светски титули и повеќе од 200 победи на трките.

Станува збор за Михаел Шумахер, Аиртон Сена, Алан Прост, Џенсон Батон, Нико Розберг, Дејвид Култхард и Фелипе Маса.

Оценките на актуелните возачи ќе бидат објавени наскоро пред самото излегување на играта, а тоа е 16 јули. F1 2021 пристигнува за PlayStation 4, PlayStation 5, Xbox One, Xbox Series X/S и PC (преку Steam).