FIFA 22 има уште неколку новитети, пред се во Career модот

FIFA 22

Од EA Sports открија неколку дополнителни детали за новитетите во FIFA 22. Пристигнува нешто ново наречено FUT Heroes, а Career Mode носи можност за создавање на сопствен клуб.

Вчера ги објавивме првите информации за техничките детали на FIFA 22, новиот систем наречен Hypermotion кој би требало да донесе природно анимирани движења и однесување на фудбалерите. Сега пристигнуваат нешто поконкретни информации за новитетите во содржината.

Се чини дека најголем новитет во FIFA Ultimate Team модот оваа година ќе биде воведувањето на FUT Heroes картичките. Тоа се посебни картички кои ги претставуваат фудбалерите во моментот на нивните кариери кога истите станале миленици на навивачите. Специфичноста е таа што FUT Heroes картичките ќе имаат уникатна хемија со играчите од истата лига, со веќе постоечека врска со играчите од иста националност.

Меѓу првите потврдени FUT Heroes картички се Марио Гомез, Тим Кејхил, Хорхе Кампос, Диего Милито, Фернандо Мориентес, Сами Ал-Џабер, Роби Кин, Абеди Пеле и Клинт Демпси. Повеќе детали за FUT Heroes ќе дознаеме во август.

Освен FUT, се враќаат Career Mode, VOLTA Football и Pro Clubs. Најзначителниот новитет во Career модот ќе биде можноста за креирање на сопствен клуб од темел, со кој потоа од најниските лиги ќе се борите за влез во највисокиот ранг на натпреварување. Pro Clubs оваа година ќе донесе нов систем за раст на фудбалерите како и поголема можност за модифицирање на клубовите.

Други новитети

Потврдено е дека е работено на презентирање на голманите, па играта би требало да ги реплицира личностите во однесувањето на различните голмани. На пример, разликите во позиционирањето на теренот, стилот на бранење и слично.

Во гејмплејот се воведува нова механика поврзана со ситуациите „еден на еден“. Ќе постојат „експлозивен спринт“ кај кој играчите ќе имаат поголема контрола врз забрзувањето при дриблинг или бранење.

Сите овие новитети ќе бидат достапни во сите верзии на играта, вклучително и за PS4, XBO и PC верзиите. Потвредено е дека излегува и верзија за Nintendo Switch, но повторно во Legacy издание во кое новитет ќе бидат единствено дресовите и ростерите. Сепак, оваа година Switch верзијата ќе биде нешто поевтина.

Crossplay нема да има ниту оваа година, што значи дека сите играчи на FIFA повторно ќе играат одделно, само со играчите од својата платформа.