FIFA 22 ќе има модови и за серва и за граничар!

FIFA 22

Повеќето играчи на FIFA игрите преферираат играње на класичен фудбал. Но, ако барате нешто за да „утепате“ време, во FIFA 22 ќе го има и тоа – од натпревари каде головите се важат само надвор од шестнаесетникот, до натпревари каде што голот ќе се множи со процентот на посед на топката. Сега и таканаречениот Volta Football мод ќе се приклучи во овие зезанции, а најголемо внимание ни привлече Foot Tennis, или нешто што неодоливо потсетува на една од омилените маалски игри – серва.

Оваа година ќе имаме аркадни турнири, во рамките на кои ќе се наоѓаат неколку специфични начини на играње со четири фудбалери на теренот.

Таканаречените парти игри во FIFA 22 се следниве:

  •  Disco Lava – се игра на терен со 20 полиња преку кои играчите мораат да минат со топката за да ја обојат во својата боја – победува играч со најмногу обоени полиња.
  •  Foot Tennis – јасно како ден – серва!
  •  Dodgeball – или граничар/народна, мод во кој ги гаѓате играчите и тие вас, се игра на затворен терен (со ѕидови) и вкупно три топки, два тима се борат кој прв ќе дојде до 15 погодоци.
  • Corner Scramble – секој играч има свој агол и целта е да се внесе топката во својот агол, топката се појавува на средина од теренот и четворица играчи се натпреварува кој попрво ќе ја внесе во својот гол.
  •  Target Gallery – игра на прецизност, се гаѓаат подвижи мети со три бодовни категории.
  •  Team Keepaway – 2в2 меч во кој победува тимот кој подолго ја има топката во свој посед.
  •  Wall Ball Elimination – играчите се менуваат во „рогање“ на топката кон ѕидот, имаат ограничено време да го погодат ѕидот и целта е на играчот кој доаѓа по вас да му го отежните ударот кон ѕидот, оној кој нема да го погоди ѕидот во временската рамка испаѓа од играта.
  •  Quick Strike – се игра на четири гола од кои еден наизменично ги признава погодоците, а четворица играчи се борат кој попрво ќе го погоди тој гол.