FIFA 22 конечно доби вистинско гејмплеј видео, го презентираа најдобрите FIFA играчи

FIFA 22

Fnatic Tekkz и Hashtag Tom одиграа меч во FIFA 22 во бета верзијата и поразговараа со девелоперите на играта.

Во последните неколку недели на интернет можеа да се пронајдат снимки од бета верзијата на FIFA 22. Пристап до играта добија разни инфлуенсери и професионални играчи, но сето тоа беше направено во тајност и само неколкумина споделија снимки од гејмплејот, иако тоа (веројатно) не смееја да го направат. Но, во секој случај, сега го имаме првото официјално гејмплеј видео кое не е сечено, лепено и монтирано во делови од по три секунди.

EA Sports ги ангажираше двајцата најдобри играчи во FIFA, Fnatic Tekkz и Hashtag Tom, со цел да одиграат меч со FUT тим и да прокоментираат како им се допаѓаат промените и новостите во играта. Мечот заврши со тесна победа на Tom, а притоа двајцата играчи поразговараа со девелоперите на играта.

Тие двајцата заклучија и беа едногласни дека голманите во FIFA 22 се мошне добри, а им се допадна и што одбраната функционира покомпактно и подобро ја одржува структурата од претходно.

Во секој случај, малку се осврнаа на толку најавуваните новитети кои ги нагласува EA Sports, но изгледа дека ќе треба ние самите да ја испробаме играта и да видиме што толку ново ќе донесе FIFA 22.