Fortnite го најави новиот мод Impostors кој е копија на Among Us

Imposters

Новиот мод кој ќе пристигне во популарната battle royale игра Fortnite ќе го носи името Impostors, а во себе ќе го има концептот кој се прослави благодарение на инди хитот Among Us.

Epic Games ги повикува сите љубители и играчи на Fortnite да се испробаат во новиот мод на играта наречен Fortnite Impostors и да не веруваат во никого, бидејќи секој може да биде натрапникот. Станува збор за мод кој е максимално за 10 играчи во кој тимот го сочинуваат осум агенти и двајца натрапници. Агентите мораат да завршуваат задачи и притоа да го препознаат натрапникот во својот тим, додека натрапнциите треба да ги елиминираат агентите пред некој да ги препознае.

Ако концептот ви делува познато, тогаш не сте воопшто во заблуда бидејќи истиот стана многу популарен во текот на минатата година со играта Among Us, а пред тоа и во светот на друштвените борд игри.

За целата работа да функционира тука нема да има јавен „војс чет“ туку само „парти чет“. Како што наведовме, модот е за максимално 10 играчи, а минимум четворица, со тоа што во групите од 4 до 7 играчи ќе има само еден натрапник.

Исто како и во Among Us, клучен сегмент во гејмплејот ќе биде свикување на состаноци на кои ќе се гласа кој е натрапник и кој треба да биде исфрлен од тимот. Состаноците во Fortnite Impostors ќе можат да се свикуваат при пронаѓање на елиминиран агент.