GTA Online добива нова експанзија со тјунери и бесни автомобили

Los Santos Tuners

Новата експанзија на GTA Online го носи називот Los Santos Tuners и со себе носи мисии базирани на дотерување на автомобили и тркање со истите.

Од денес (20 јули), GTA Online ќе стане побогата за бесплатната експанзија по името Los Santos Tuners. Како што велат од Rockstar, во Los Santos ќе заживее „андерграунд“ тјунинг сцената. На периферијата од градот кај Cypress Flats ќе се отвори подземна гаража за сите љубители на модифицирањето на автомобилите. Тоа ќе биде место каде играчите ќе можат да се пофалат со своите уникатни крекации, како однадвор, така и под хаубата.

Таканаречениот LS Car Meet, како што ќе се нарекува местото, ќе биде зона со исклучиво позитивни вибрации. Што значи дека во истата ќе може да се пристапи само без оружје. Ова место ќе биде наменето за уживање во тјунинг автомобилите, да се пофалите со сопственото возило и да се восхитувате на туѓите. Нема никакво уништување, ниту дивеење.

Доколку сакате, можете да станете член на LS Car Meet за 50.000 виртуелни долари што ви отклучува секаков вид на предизвици, можност за тркање и освојување на наградни автомобили и слично. Покрај time trials-ите и тест патеката, самата содржина овозможува пристап и до натпреварувања како Urban Racing Series, The Pursuit Series и The Drag Series. Со ова пристигнуваат и нови улични трки, мисии поврзани со тјунинг тематика, а колку повеќе го решавате тоа, толку повеќе репутација освојувате на тјунинг сцената. Репутацијата потоа можете да ја замените за различни налепници за автомобили, делови и слично.

Како и обично, ова проширување носи нови возила како што се увозните автомобили Annis, Dinka или Übermacht. Вкупно десет ќе бидат достапни веднаш по лансирањето на Los Santos Tuners, додека преостанатите седум ќе пристигнат во текот на летово.