Gucci влегува во еспорт модата, лансираат часовник во соработка со Fnatic

Gucci Fnatic

Италијанскиот моден гигант и производител на луксузна облека Gucci, одлучи да влезе во светот на еспорт модата и го претстави својот најнов продукт наменет за гејмерската заедница. Gucci лансираше часовник во соработка со еспорт организацијата Fnatic.

Така сега, на официјалниот веб сајт на Gucci можете да си нарачате рачен часовник инспириран од Fnatic League of Legends екипата, а цената е 1.620 долари. Кога станува збор за самиот часовник, на истиот се наоѓа препознатливото Fnatic лого како и иницијалите и препознатливиот симбол на основачот на модната куќа, Гучио Гучи. Причината поради која овие иницијали се најдоа на овој часовник, покрај тоа што е симбол на Gucci, е и тоа што воедно претставува скратеница од веројатно најпознатиот гејминг израз – good game.

Од Gucci истакнаа дека ќе направат само 100 единици од овој часовник во соработка со Fnatic, а истиот го понесе името The Dive.

Ова не е прв пат познати луксузни брендови да се обидуваат да направат исчекор и во светот на еспортот. Пред извесно време TW Steel направи креација инспирирана од Counter-Strike: Global Offensive, а во соработка со еспортс организаторот BLAST. Од BLAST велат дека инспирацијата е навистина соодветна, бидејќи тајмингот е веројатно најпресудниот фактор во CS:GO. Исто така, тие најавија дека специјалната среија на TW Steel esports часовници ќе им бидат врачени на победниците во BLAST Global финалето.