Хит игра на годината: Собирајте „ваксајнс“ со Зоки

Зоки Ваксајн

Зоки Ваксајнс – Ова е најдоброто нешто што го имаме видено во последно време. Настрана политиката, ваквата креативност мора да се издвои, а хуморот во овие тешки денови секако е неопходен. Згора на тоа, станува збор за игра, така што потпаѓа во наше поле на делување.

Добро е познато дека нашиот народ умее да биде особено креативен, поготово кога работите не одат онака како што планираме, но најновата македонска видео игра дефинитивно ги надминува сите очекувања и тоа во секој поглед.

Позната е ситуацијата со вакцинирањето во нашата земја, а поимот „ваксајнс“ треба да добие и место во речникот на македонскиот јазик. Но, додека да се случи тоа, добивме игра која ја отсликува политичката и здравствената ситуација во едно. Ликот Зоки (сите сличности се намерни) има задача да собира што е можно повеќе „ваксајнс“, а кога играчот ќе успее во тоа пристигнува и реакција „Фајзер Ваксајн“, а ако во случај загубите, тогаш доаѓа и култното „Мало сутра“.

Играта Зоки Ваксајнс неодоливо потсетува на Flappy Bird (механиката и начинот на игра се исти), а во позадина се наоѓа и Воинот на коњ кој е поставен на плоштадот во Скопје. Со секое собирање на вакцина се добиваат поени, а целта е да се соберат што е можно повеќе.

Играта е пуштена на Play Store на 24 февруари (огромен пропуст од наша страна што не сме забележале порано) и има големина од 29 мегабајти. Ако сакате добро да се насмеете, или пак да се потсетите на деновите кога „кисневте“ на Flappy Bird, трк на Play Store и симнете си ја играта.

За крај, секоја чест за креативноста.