Hitman 3 експресно стана хит за 2021, беспрекорен крај на трилогијата

Hitman 3

Првиот голем наслов за 2021 година веќе пристигна. Благодарение на тоа што е лансиран во јануари, избегнувајќи ја „гужвата“ за време на празничната сезона во Северна Америка, Hitman 3 очекувано го привлече најголемото внимание, а практично го има целиот јануари, без ниту еден друг голем наслов како конкуренција, за критичарите и фановите да можат да уживаат до максимум.

Рецензиите пристигнуваат како на филмска лента за Hitman 3, финалниот наслов во World of Assassination трилогијата, а реакциите се неверојатни. Девелоперот и паблишерот IO Interactive со Hitman 3 носи една крвав крај на легендарната франшиза. Директниот наследник на Hitman 2, Hitman 3 го продолжува трендот кој започна во 2016 со оригиналниот наслов.

Како и во претходните наслови, играта ве става во улогата на Agent 47, убиец со задача да елиминира лица на егзотични дестинации ширум светот. Најголемиот адут на Hitman франшизата е концептот на избор и слободна волја – мисиите вообичаено се претставени во отворена, sandbox style околина која ви овозможува да истражувате и да го создавате вашиот план за акција. Најновото продолжение, како што предупредија девелоперите претходно, со себе носи еден потемен и посериозен тон.

Но, во секој случај, Hitman 3 се чини дека им нуди на фановите на претходните игри многу повеќе од тоа што го сакаат – а ова можеби е еден вид на итерација на таа конкретна формула. Изминативе денови се појави дузина рецензии за Hitman 3, a ние во прилог ви носиме краток осврт на она што „мејнстрим“ критиката како IGN, GameSpot и други имаат да го кажат за Hitman 3.

IGN – оценка 9/10

„Богата, наградувачка и навистина многу игрива, Hitman 3 е врвен додаток во идиосинкратската, но мошне посакувана стелт серија на IO. Фундаменталните работи не се променети од 2016 година, но колекцијата од извонредни мапи доловуваат еден облагороден и робусен крај на актуелната Hitman трилогија“.

GameSpot – 9/10

„Она што е доброто во Hitman – неговиот дизајн и креативноста, експериментирањето и истражувањето кое го овозможува – е одлично во Hitman 3. Играта ја затвора трилогијата со брилијантно играње на сето она што и претходеше, користејќи ги, а потоа и потиснувајќи ги очекувањата и наградувајќи ги играчите за нивната подготвеност да ја совладаат комплексноста и на индивидуалните нивоа на играта и на серијалот како целина“.

Game Informer – 9/10

„Hitman 3 го затвора поглавјето во оваа поголема Hitman приказна, но немате чувство како да завршува. Нуди изобилство на содржина и споредни активности, а трилогијата како целина сигурно е дестинација за „would-be“ атентатори. Последниот чин на IO Interactive во трилогијата го антиципира и наградува експериментирањето на играчот, има прецизно дизајнирани нивоа и има моменти на неверојатна катарза. Нашиот ентузијазам за сето ова е подеднакво неизбришлив за ова како и баркодот истетовиран на задниот дел од главата на Agent 47“.

PC Gamer – 9/10

„Најкреативната и најизненадувачката атентатска симулација досега, со некои од најдобрите нивоа некогаш видени во франшизата вклучително и она коа може да се смета како ремек-дело на студиото. Прекрасна, длабока и ве тера повторно да ја играте до недоглед“.

Tech Radar – 4,5/5

„Hitman 3 не е таков вид на продолжение кое го реосмислува целиот серијал, но многу веројатно ќе ве задоволи доколку претходно сте уживале во овие игри и сте среќни со помали промени, наместо драстичен ремонт. Како финален дел на оваа трилогија на фантастични игри Hitman 3 нуди некои легендарни нивоа и возбудлива приказна“.

Kotaku – Без оценка

„Играта делува мала и фокусирана, со помалку наративни ‘искривености’ кои Hitman обично ги има со цел да најде изговор за да ве ‘шета’ низ целиот свет. Но, за повеќето нивоа беше потребно повеќе време од она на што сме навикнати, или поради долгите story мисии или бидејќи ни требаше долго време да се соземеме во комплицираните делови“.

Меѓу останатите сајтови кои дадоа позитивни и одлични критики се најдоа и Destructoid (9/10 оценка), VG247 (5/5 ѕвездички), VentureBeat (5/5), Push Square (10/10), Games Radar (4,5/5)…