Како легендарниот Шекил О’Нил стана еспорт ентузијаст и инвеститор

Шек

Легендарниот НБА кошаркар Шекил О’Нил веќе неколку години работи во еспорт индустријата и е еден од најголемите инвеститори во организацијата NRG, која пред неколку месеци ги продаде правата за користење на името на осигурителната куќа The General. Но, како Шек, членот на НБА Куќата на славните се најде во еспортот?

The General NRG подготви активации за своите обожаватели кои ќе можат да гласаат за еден од четирите дизајни на дресовите кои екипата ќе ги носи во Rocket League Championship Series Season 11. Ова е само мал дел од активностите кои произлегоа од партнерството со компанијата The General, а главната спојка меѓу двете индустрии е токму Шекил О’Нил. Гејминг медиумите успеаја да го интервјуираат кошаркарот по повод активностите на неговиот еспорт тим, а Шек зборуваше и за еспорт индустријата воопшто и како започнала неговата авантура.

Шек веќе шест години има соработка со компанијата The General, а од 2017 година стана еден од првите инвеститори во NRG еспорт организацијата, која се натпреварува во Rocket League играта. За него осигурувањето за автомобили и популарната игра биле идеален спој, а Шек се обидува да ги доведе сите брендови кои се поврзани со него во еспортот. Откри и дека во тек се разговори и со ланецот на пицерии Papa Johns, но дека е важна и синергијата.

Прв контакт со еспортот

Иако веќе е искусен еспорт бизнисмен, кошаркарската легенда случајно влегла во индустријата. Неговиот син го натерал заедно со него да оди на еспорт настан во Staples Center во Лос Анџелес, а спектаклот оставил траен впечаток на поранешната НБА ѕвезда. Шек по ова поразговарал со неколку бизнисмени кои го следат развојот на еспортот и на нивни предлог се приклучи на најбрзорастечката индустрија.

Шек забележал доста сличности меѓу еспортот и НБА. Младите играчи од двата света сакаат да станат ѕвезди и најдобри во своите дисциплини, а бидејќи факултетите почнаа да делат се повеќе еспорт стипендии, тоа значи дека долго време ќе биде дел од оваа индустрија.