Microsoft подготвува „low budget“ верзија за Xbox, цената е „живо џабе“

Xbox

Веќе некое време се појавуваат шпекулации околу цените на конзолите од најновата генерација. Сега на мета е Xbox, а според последните гласини кои кружат, Microsoft ќе лансира поевтина верзија на новиот Xbox која би можела да чини само 199 долари.

По неодамнешната премиера на PlayStation 5, за омилената конзола од Sony сега ги знаеме отприлика повеќето информации, освен веројатно најважните – цената и датумот на лансирање на пазарот – а сега со нетрпение се очекува и новитетот од Microsoft, односно Xbox конзолата од најновата генерација. Досегашните шпекулации околу новиот PS5 и Xbox упатуваа на тоа дека Microsoft и Sony имаат различни стратегии со кои сакаат да ги привлечат корисниците.

Sony е ориентиран кон „најголемта вредност“ која нивната конзола може да ја понуди на корисниците, а не на тоа да има што е можно поповолна цена. Од друга страна, Microsoft, се чини ќе игра токму на таа карта, односно пониска цена во однос на главниот конкурент. Американската компанија наводно ќе му ја даде таа „чест“ на Sony прв да ги објави цените за PlayStation 5 кој ќе биде достапен во две верзии – класичен и дигитален модел без читач за дискови – по што ќе ја објави цената за Xbox Series X која би требало да биде 50 или дури 100 долари поевтина од PS5.

Xbox Series S ќе стане хит на пазарот

Но, изминатите денови на социјалните мрежи се проширија нови шпекулации околу плановите на Microsoft кои ќе ги воодушеват сите љубители на конзолите кои размислуваат да се подноват во блиска иднина. Според овие гласини, кои пристигнуваат од извор кој се покажа како доста веродостоен кога станува збор за Microsoft, компанијата подготвува уште една верзија на конзолата чија вредност би можела да изнесува само 199 долари! Со оглед на тоа дека досега се „расфрлаа“ со цени од по 500 долари, сумата од 199 долари за многумина се чини како нереална. Затоа, треба да се напомене дека тоа нема да биде цената на најмоќниот модел на новата конзола Xbox One Series X, туку за друг, поевтин и послаб модел на конзолата од новата генерација кој го подготвува Microsoft – Xbox Series S.

Оваа поевтина конзола, освен што ќе нема читач за дискови, ќе биде и хардверски послаба од моделот Xbox One X. Оваа конзола би требало да биде клучниот уред во стратегијата на Microsoft бидејќи корисниците преку истата ќе имаат пристап кон претплатничкиот гејмерски сервис и компанијата xCloud. Станува збор за, како што го нарекуваат медиумите, Netflix за видео игри. Корисниците повеќе не би требало да купуваат игри, туку за одредена месечна претплата би им биле достапни сите игри.

Почетокот на продажбата на новите конзоли е најавен за празничната сезона во САД, така што се очекува да се појави во текот на декември. Ако шпекулациите за Xbox Series S со цена од 199 долари се покажат како вистинити, не е тешко да се претпостави дека оваа конзола ќе привлече најголемо внимание меѓу љубителите на видео игрите.