Нафтениот фонд на Саудиска Арабија вложи милијарди во EA, Activision Blizzard и Take-Two

Activision

Јавниот Инвестициски Фонд на Саудиска Арабија ги откри своите најнови инвестиции, а во тоа се вклучени голем број на гиганти од гејминг индустријата. Фондот потрошил 1,06 милијарди долари со цел да купи 7,4 милиони акции во Electronic Arts, заедно со 14 милиони акции во Activision Blizzard за кои вложи 1,4 милијарди долари. Фондот исто така го зголеми својот удел во матичната компанија на Rockstar Games, Take-Two Interactive, со што ги заокружи своите гејминг инвестиции.

Како што пренесува аналитичарот Метју Кантерман на својот Twitter профил, со овие нови инвестиции фондот сега во посед има околу 2 проценти од Activision Blizzard, 2,6% од ЕА и 3,5% од Take-Two.

Гејминг компаниите доживеаја најголем раст и добивка од пандемијата на Ковид-19, пред се поради големиот број на наметнати карантини со кои луѓето беа приморани да останат во своите домови, а тоа доведе до играње повеќе видео игри и трошење повеќе пари на нив. Акциите на ЕА, Activision и Take-Two, кои се само дел од компаниите со чии акции се тргува јавно, пораснаа драстично во изминатата година. Со оглед на тоа дека нафтата, со која Саудиска Арабија најмногу тргува, немаше баш добра година зад себе, фондот одлучи да инвестира во индустријата која забележа најголем раст, па оттаму овој потег се чини и како доста логичен

Јавниот Инвестициски Фонд од Саудиска Арабија е најголемиот таков фонд во светот и во моментов располага со околу 400 милијарди долари. Организацијата планира да го зголеми своето портфолио на повеќе од 1.07 трилиони долари до крајот на 2025.