Најавена е NBA 2K22, Лука Дончиќ на насловната страна

NBA 2K22

Пристигна најавата и за новото издание на кошаркарската симулација NBA 2K22, а играта излегува на 10 септември оваа година за PlayStation 5, Xbox Series, PlayStation 4, Xbox One, Nintendo Switch и PC. Не е познато што точно е ново и што играта ќе донесе, но затоа имаме три прекрасно илустрирани насловници за трите посебни изданија.

Словенечката НБА ѕвезда Лука Дончиќ е новата ѕвезда на насловната страница за стандардното и Cross-gen Digital Bundle изданието, додека посебното издание по повод 75-годишнината на НБА лигата го красат легендите Карим Абдул-Џабар, Дирк Новицки и Кевин Дурент. Сите насловници се илустрирани од уметникот Чарли Палмер.

Како и минатата година, верзиите за PlayStation 5 и Xbox Series конзолите ќе бидат водечки кога станува збор за графиката, а PC гејмерите по се изгледа повторно ќе извисат во целата таа приказна.

Нема да им биде лесно ниту на оние кои планираат да ја купат NBA 2K22 за PS4 и XBO, па да ја надоградат играта на PS5/XSX/S верзиите бидејќи тоа повторно ќе биде наплатено – во тој случај ќе морате да го купите изданието кое чини 80 евра. Стандардната верзија за PS5 ќе чини 70 евра, а за PS4 60 евра. На Xbox One и PC исто така цените ќе бидат 60 евра, односно за Xbox Series X ќе чини 80 евра. Anniversary изданието ќе чини 100 евра.