Netflix објави нов трејлер за Dota 2 серијата

Netflix Dota

По целосно неочекуваната најава за нова Dota 2 аниме серија наречена DOTA: Dragon’s Blood, Netflix одлучи да лансира уште еден, многу подетален трејлер, кој ни прикажува со кои се херои ќе се сретнеме во новиот серијал.

Исто како и во првичниот трејлер кој пристигна со најавата, така и во ова видео можеме да ги видиме Dragon Knight и Mirana, со тоа што сега тука е присутен и нејзиниот mount – Sagan.

Во неколкуте кратки сцени можат да се забележат и Invoker и Luna, која се подготвува за мобилизирање на некаква армија, а тука е и нејзиниот mount, Nova. На момент, се појавува и уште еден женски лик, за кој е потврдено дека всушност е Selemene, божица на месечината која ја обожуваат Mirana и Luna и која често ја споменуваат во играта со своите voice lines. Кога станува збор за механиката од играта, во една сцена може да се забележи и нешто што наликува на телепортација со Town Portal Scroll.

Следниот трејлер за DOTA: Dragon’s Blood е најавен за 1 март. Серијата официјално излегува на 25 март, а ќе има 8 епизоди и ќе биде достапна за сите Netflix претплатници.

Инаку, Netflix ја објави и актерската постава која ќе го позајми гласот во серијата за нашите омилени Dota 2 херои. Интересно, повеќето од овие актери поседуваат исклучително успешна кариера во светот на гејмингот и анимираните серии и филмови. Пред се треба да се издвојат Јури Ловентал, Аликс Реган, Кари Валгрен и Трој Бејкер, кој веројатно е најпознат по улогата на Joel од The Last of Us серијалот. Не треба да се заборави ниту Тони Тод, кој не само што се прослави со своите филмски улоги, туку веќе има искуство со позајмување на својот глас во Dota 2, конкретно за Night Stalker, Viper и Dragon Knight.