Нов кросовер на Epic, НБА пристигнува во Fortnite

НБА Fortnite

Пред самиот почеток на плеј-офот во најсилното кошаркарско натпреварување во светот, американската НБА лига, Fortnite носи кошаркарски кросовер со дресовите на лиценцираните НБА тимови и петдневно натпреварување на екипите.

Меѓу популарните наслови владее вистинско лудило за привлекување на нови корисници, па така во Call of Duty пристигнуваат Рамбо и Џон Меклејн, во Rocket League пристигна НФЛ, а Fortnite сега носи кросовер со НБА лигата. Кошаркарското издание на Fortnite пристигнува задутре (21 мај), токму пред почетокот на плеј-офот. Со ова, во играта ќе се појави сетот In The Paint во рамките на кој ќе се најдат дресовите на сите 30 НБА екипи.

Но, како точно се вклопува НБА во Fortnite? Имено, ќе биде организирано натпреварување Fortnite x NBA во кое играчите ќе можат да ја бранат честа на својот омилен клуб од НБА лигата. Првите 15.000 играчи кои ќе се пријават ТУКА, ќе добијат шанса да освојат награди и V-Bucks, додека целокупното натпреварување е резервирано за само 550.000 играчи. Шансите да се пријавите се многу мали – бидејќи страницата веќе се најде под наезда на заинтересираните фанови.

Во периодот меѓу 19 и 21 мај играчите ќе мораат да индивидуално да решаваат различни предизвици во Fortnite, a за време на викендот (22 и 23 мај) ќе го прават истото тоа во рамките на тимско играње. Зависно од тоа на која НБА екипа и припаѓате, за истата собирате бодови. На крајот играчите на првопласираната НБА екипа добиваат награда од 500 V-Bucks и NBA Championship трофеј.