Новата eFootball 2022 доби датум на излегување

eFootball 2022

На годинешното издание на „PES“ нема да чекаме долго, бидејќи Konami повторно одлучи да ги изненади фановите. Имено, компанијата потврди дека eFootball 2022 на PS4, PS5, Xbox One, Xbox Series X/S ќе пристигне на 30 септември. Исто така, дознавме дека мобилните игри eFootball 2021 оваа есен ќе бидат надоградени за годинешното издание.

Почетното издание на eFootball 2022 ќе биде лансирано со девет клубови (Барселона, Баерн Минхен, Јувентус, Манчестер јунајтед, Арсенал, Коринтијанс, Фламенго, Ривер Плата и Сао Пауло), шест стадиони и мод за пријателски натпревари (локално и онлајн). Во суштина, она што досега го добивавме во PES во демо верзиите.

Во Konami повторно останаа таинствени околу тоа што ќе пристигне во рамките на првото поголемо ажурирање за играта, оваа есен. Речено е дека станува збор за нови модови (не знаеме кои), нови типови на играчи (од стандард до legendary) и Creative Teams – веројатно мод во кој создаваме тим на база на играчи од 600 лиценцирани клубови.

eFootball 2022 во својата иницијална верзија кон крајот на овој месец нема да има Edit Mode, поддршка за спецификациите на DualSense контролерите, crossplay, ниту новата механика за остри удари/додавањањ или напредно бранење на топката. Сето ова ќе пристигне нешто подоцна, можеби дури и во 2022 година.

Како што е познато од претходно, eFootball 2022 ќе биде free-to-play наслов.