Новата God of War, заедно со Gran Turismo 7 пристигнува и на PS4

War

Од Sony претходно пристигна официјална вест дека најисчекуваната игра во последните години, продолжението на God of War наречено Ragnarok е дефинитивно одложена за 2022 година. Меѓутоа, покрај оваа лоша вест, пристигнува една добра, особено за фановите кои неодамна си набавиле PlayStation 4 конзола или истата сакаат да ја задржат уште некое време, бидејќи новата God of War пристигнува и на PS4.

Истото се однесува и на седмото продолжение на еден од најпопуларните тркачки серијали, Gran Turismo 7, кој исто така претходно беше одложен за 2022 година и иницијално исто така требаше да се појави само на PS5. Но, благодарение на последното интервју со шефот на PS Studios, Хермен Халст, играта ќе добие верзија и за PlayStation 4.

Халст, преку PlayStation Blog, најави дека Sony сепак нема да го напушти PS4, а во тој контекст потврди дека идните игри од нивната продукција и понатаму ќе излегуваат за старата конзола се додека тоа има смисла.

Веќе беше познато дека Horizon Forbidden West доаѓа и на PS4, а сега се потврдени и PlayStation 4 верзиите и за уште две игри – следниот God of War и Gran Turismo 7.

„Не можете да изградите заедница од 110 милиони корисници на PS4 конзолата и потоа туку така да го отфрлите, зарем не? Мислам дека би било лошо за фановите на PlayStation 4 и искрено кажано, лошо за нашото работење. Онаму каде што има смисла да се развива игра за PS4 и PS5 ние ќе го правиме тоа. И ако сопствениците на PS4 сакаат да ја играат таа игра, ќе можат. А ако сакаат да ја играат PS5 верзијата, играта ќе ги чека додека не си ја набават конзолата“, порача Халст.