📽 Новата Warzone мапа се сели во Пацификот

Warzone

По исцрпното откривање на Call of Duty: Vanguard мултиплеерот, посветено беше и време за Warzone, кој дефинитивно добива нова мапа. Интересно е дека почетниот кадар од приказот на мапата неодоливо потсетува на почетокот на трејлерот со кој е откриен Call of Duty: WWII на Sledgehammer од 2017 година, со таа разлика што во Warzone времето ќе биде сончево.

Warzone се сели во Пацификот, облеан со сонце, исполнет со џунгли, карпести ридови и претежно рурална околина од актуелните прикази. Се наоѓа и по некој автобус, мост, па и дел кој потсетува на Quarry од Verdansk. Новата мапа е со слични димензии како сегашната, а во изработка е речиси две години.

*Сите познати кадри погледнете ги во официјалната најава од 25-тата минута:

„Целта ни беше да побегнеме од разрушениот Verdansk и да им донесеме на играчите нова и жива атмосфера која отвора врата кон нови идеи со кои ќе ги креираме приказните и евентите во Warzone“, изјави Ејмос Хоџ од Raven.

Во „пацифичкиот“ пакет е секако и ветениот анти-чит состав, кој, како што вели Хоџ, е во завршна фаза на тестирање и ќе биде подготвен заедно со доаѓањето на мапата. Со оглед на тоа дека Call of Duty: Vanguard ќе го користи истиот енџин како и Modern Warfare, интеграцијата на Warzone со Vanguard овој пат би требало да биде поприродна и побезболна.

Веруваме дека овој анти-чит и новата мапа ќе придонесат кон тоа Warzone да ја врати својата репутација, која со интеграцијата со Cold War тргна во надолна линија.