Нови шпекулации за GTA 6, фановите ќе бидат разочарани

GTA 6

Фановите на Grand Theft Auto франшизата можеби ќе треба да почекаат малку подолго за шестото издание на оваа игра. Rockstar Games открија дека унапредена и апдејтирана верзија на GTA 5 ќе пристигне за новите конзоли PlayStation 5 и Xbox Series X. Лансирањето на GTA 5 со подобрени спецификации за овие конзоли јасно означува пролонгирање на објавувањето на следната верзија на играта, а според експертите, Rockstar би можел да не ја објави GTA 6 се до крајот на 2022 или почетокот на 2023.

Џејсон Шрејер од Bloomberg ги сподели информациите кои ги добил од свои извори околу одложувањето од страна на Rockstar Games за објавувањето на GTA 6.

„Ќе кажам дека знам дека голем број на луѓе, особено големи фанови на GTA, се прилично вознемирени поради тоа што реков дека GTA 6 е во еден вид на рана фаза од развојот и нема да се појави за неколку години. Мислам дека фактот што GTA 5 ќе биде објавена следната година за PlayStation 5 е еден вид доказ за тоа. Ако ова не е доволно, тогаш не знам што е. GTA 6 е многу далеку во моментов. Не очекувам да дојде се до крајот на 2022, можеби и 2023. Мислам дека тоа е многу пореално за една таква игра“.

Додека ја чекате „шестката“, уживајте во унапредената „петка“

GTA 5 беше објавена во 2013 година за играчките конзоли, а подоцна пристигна и за PC гејмерите. Втората најпродавана игра на сите времиња неодамна беше понудена бесплатно за симнување на Epic Games store.

Според извештајот на TechRadar, консултантите за истражување од Reach3 Insights дошле до заклучок дека фановите биле најмногу возбудени за GTA5 во споредба со останатите игри кои беа претставени на неодамнешниот PS5 Reveal настан.

Како и да е, фановите со нетрпение го очекуваат објавувањето на шестата едиција на GTA. Од друга страна навистина е „благослов“ за сопствениците на претходните и престојните генерации на конзоли, што ќе добијат унапредувања на играта барем во текот на една година.