Nvidia официјално ги најави GeForce RTX 3070 Ti и 3080 Ti

RTX 3080 Ti

Компанијата Nvidia најави два нови модели на графички картици од серијата RTX 3000, а станува збор за GeForce RTX 3070 Ti и 3080 Ti.

Такво време дојде што добра графичка картица нема ни за лек, а и кога ќе се најде, тогаш е „изгор скапа“. Но, Nvidia реши да долее сол на раната, па ќе лансира уште поскапи графички картици кои исто така веројатно нема да можете да ги купите од повеќе причини. Имено, претставени се моделите GeForce RTX 3070 Ti и RTX 3080 Ti. Станува збор за нешто помоќни модели од претходните, но исто така и ценовно поскапи.

GeForce RTX 3080 Ti веќе влегува и во ценовниот ранг на четирицифрена бројка и ќе се продава по сума од 1.199 долари, иако со оглед на ситуацијата во светот реалната цена ќе биде далеку, далеку над тоа. За овие пари добивате 12 GB G6X меморија, што е за 2GB повеќе од стандардниот 3080, потоа 80 RT јадра, работен такт од 1665 MhZ и пропустливост од 912 GB/s.

Од друга страна, RTX 3070 Ti има препорачана цена од 699 долари помалку во однос на RTX 3080, но ги носи истите 8 GB меморија. Според моќноста, оваа картичка е 1,5 пати помоќна од RTX 2070 Super.

RTX 3080 Ti излегува во продажба од 3 јуни, а RTX 3070TI пристигнува од 10 јуни. Секако, прашање е кога овие картички ќе можеме да ги видиме во продавниците, ако тоа воопшто се случи. Како тргнала работава, додека некој да успее да ги набави, Nvidia веќе ќе лансира нови, уште помоќни модели, па така дополнително ќе ја влоши и онака тешката ситуација со недостигот на чипови.