📽 Објавен ТВ спотот за Far Cry 6, а главната улога ја има – петел

Far Cry 6

Престојниот Far Cry 6 доби и свој телевизиски спот, а во истиот главната улога ја има еден – петел. Токму така, добро прочитавте. А овој петел ја предизвикува граѓанската војна околу која се врти целата приказна.

Добро ни се познати оние „филмски“ реклами за игрите во кои акцијата делува подобро отколку во самите игри. Токму една ваква реклама доби и Far Cry. Во овој двеминутен спот револуцијата на островот Yara всушност започнува малку поинаку отколку во играта… Имено, петелот наречен Chicharron одбива да се бори со друг петел, бега од рингот, а војската го брка низ градот и безобѕирно се обидува да го убие.

Зошто војниците пукаат по кутриот Chicharron? Тоа е веројатно приказна за некое друго време, бидејќи набрзо доаѓа и целиот пресврт. Народот крева бунт против војската и одлучува да се спротистави во отворена битка против трупите на диктаторот. Петел против тенкови, слобода против тиранија!

Chicharron во секој случај ќе биде и еден од помагачите кои ќе можеме да ги регрутираме во самата игра. Во Far Cry 6 помагачите се исклучиво во животинска форма, а Chicharron е жесток борец кој е во состојба да крши врати додека трча во полн спринт.

Впрочем, да не ви објаснуваме многу многу, погледнете го и самите овој ТВ спот.