Објавено првото гејмплеј видео за новата Battlefield 2042

Battlefield 2042

Првото гејмплеј видео за Battlefield 2042 ја доживеа своајта премиера пред јавноста, а во истото можат да се забележат и неколку феноменални моменти од футуристичкото војување кое го ветува играта.

Xbox+Bethesda Showcase на E3 2021 саемот ни го донесе и првото гејмплеј видео за новата Battlefield 2042 игра. Видеото прикажува огромни мултиплеер битки со 128 играчи преку неколку различни мапи и тоа преку директно сниман гејмплеј со видлив HUD, што значи дека сето ова е реалистично и транспаренто, без никакви монтажи и разубавувања за Е3.

Секако, сето тоа е фино изрежирано за да покаже какви моменти можат да се очекуваат во футуристичкото војување на мапите на новата игра. Во клипчето ќе можат да се забележат некои од „специјалистите“ кои ќе ги контролираме во играта, а станува збор за посебни ликови со посебни можности.

Главната ѕвезда во трејлерот всушност е големината на борилиштето кое е дизајнирано за квалитетно војување меѓу 128 играчи во препознатливиот Conquest мод. Особено во гејмплеј видеото се истакнува мапата Hourglass на која покрај другите играчи, ќе се бориме и против големи песочни олуи со торнадо кое прави „’ршум“ на мапата.