Од Nvidia со лоша вест за гејмерите, недостигот на графички ќе потрае

Nvidia

Од Nvidia одлучија да се пофалат со остварените бројки, откриваат дека заработката во првиот квартал од фискалната година 2021 ќе биде поголема од предвидената, но од друга страна, хаосот со недостатокот на хардвер ќе потрае уште некое време.

Ако сте „хард кор“ гејмер и сметате дека ви е време да си набавите помоќна графичка картичка, тогаш од Nvidia пристигнуваат лоши вести за вас. Глобалниот недостаток на чипови од што произлегува и недостатокот на графички картички, резултираше со луди цени на тие производи на пазарот, а во компанијата Nvidia веруваат дека таквата состојба ќе потрае и во остатокот од оваа година. Првичните прогнози беа дека ситуацијата би можела да се поправи во втората половина од 2021 година, но сега не се толку оптимисти.

„Општата побарувачка е многу силна и продолжува да ги надминува нашите залихи. Очекуваме тоа да продолжи во поголемиот дел од оваа година. Но, веруваме дека ќе имаме доволно залихи да го одржиме секвенцијалниот раст по овој квартал“, порача водителката на финансиите во Nvidia, Колет Крес.

Според проценките на Nvidia, во периодот од февруари до мај оваа година, заработката требала да им биде 5,3 милијарди американски долари. Но, според последните проекции тоа ќе биде и значително поголем износ од првичната проекција. Гејминг пазарот е само еден од сегментите во кои Nvidia работи, а останатите вклучуваат и дата центри, професионална визуелизација и автомобилска индустрија.