Официјално потврдена новата експанзија: GTA Online се сели на островот Cayo Perico

GTA Online Cayo Perico

Новата експанзија за GTA Online пристигнува во декември, а играчите ќе имаат нова мисија со грабеж, на целосно нова локација – Cayo Perico.

Во текот на вчерашниот ден Rockstar ја возбуди GTA заедницата со тизер видеото кое го објави на официјалниот Twitter профил. Мал дел се понадеваа дека можеби е „датум за датум“ за GTA 6, но на крајот стана јасно дека сепак станува збор „само“ за нова експанзија поврзана со веќе постоечката GTA Online. Денеска за ова проширување имаме нешто повеќе информации. Имено, експанзијата ќе се нарекува The Cayo Perico Heist и пристигнува на 15 декември.

Најмногу внимание во оваа најнова експанзија за GTA Online очекувано привлекува новата локација, a станува збор за островот Cayo Perico. Од Rockstar ова место го објаснуваат како приватна оаза која е една од најбезбедните места во светот на Grand Theft Auto. Секако, главната причина за тоа што постои овој остров е тоа што ќе мора да се отиде таму и да се ограби истото место.

Покрај новата локација, играчите ќе имаат на располагање и нови оружја, нови возила и преку 100 нови песни со гостински DJ. Меѓу возилата е и подморницата која ќе биде базата за целата операција околу грабежот.

Исто така мошне интересно е и тоа што мисиите во The Cayo Perico Heist ќе може да се изведуваат и без помош на други играчи. Така, иако станува збор за GTA Online, ова може да се смета и како додаток за оние долго посакувани дополнителни single player додатоци за GTA 5.