OG го врати Ana во својата екипа, Saksa добива тим со кој може да го освои TI

OG

OG на својот официјален Twitter профил објави дека двојниот TI шампион Ana се враќа во својата стара Dota 2 екипа. Како што голем број навивачи на OG посакуваа и предвидуваа, Антан Ana Фам, по третпат се враќа кај N0tail и остатокот од екипата. Тој ќе им се приклучи на втората DPC сезона, која почнува за само два дена.

„Кога се ќе појде наопаку и кога не знаете што да направите, се насочувате кон вашите пријатели, вашето семејство. Добредојде назад, Ana“.

OG неодамна се раздели од својот carry играч, Јеико MidOne Наи Зенга, кој се натпреваруваше со екипата во горната дивизија од првата DPC сезона. По слабата завршница, OG не успеа да се пласира на ONE Esports Singapore Major. Сезоната ја завршија на петтото место, освојувајќи парична награда од 25.000 долари и 50 DPC поени.

Дали со Ana OG ќе успее да ја врати старата слава на оваа легендарна екипа и дали ќе успее да ги однесе до TI10 и третата титула останува да видиме. Она што за нас е интересно е дека на Мартин Saksa Саздов дефинитивно му се погоди, добивајќи уште еден двократен TI шампион крај себе, со што сигурно значително ќе му биде олеснета работата за конечно да го освои толку посакуваниот The International трофеј.

Saksa досега најблиску до освојувањето на Aegis-от беше во финалето на TI во 2016 година, но со оглед на тоа дека крај себе ги има момците кои ги освоија последните две изданија на The International, ние искрено се надеваме дека и тој ке успее да се искачи на тронот на најголемиот и најпопуларен Dota 2 турнир во светот.