Откриена цената на златниот PlayStation 5, чини мало богатство

PlayStation 5

Руската компанија Caviar, која се занимава со модифицирање и редизајнирање на електронски уреди, пред извесно време го најави својот ултра луксузен, златен PlayStation 5, а сега конечно ја откри и неговата цена.

Во случај да мислевте дека „тапкарошите“, кои направија „пепел“ со PlayStation 5 – со тоа што ги собираат сите залихи што се достапни, па ги препродаваат конзолите и за до 20.000 евра – тие се мали деца за руската фирма Caviar. Оваа компанија кон крајот на 2020 година го најави својот луксузен „проект“, поточно златен PlayStation 5, кој го доби називот Golden Rock. Името е сосема јасна асоцијација, бидејќи страничните панели се направени од 20 килограми злато, а целиот концепт делува како златна грутка.

PlayStation 5 конзола

Како и да е, луѓето седнале, се потрудиле, направиле нешто уникатно и сега ја објавија цената по која заинтересираните луѓе (и оние со подлабок џеб) ќе можат да го добијат ова чудо. Открија дека уште на самиот старт им се јавиле 1.342 заинтересирани купувачи, а меѓу нив и познатиот кошаркар Леброн Џејмс. Е, сега, искрено не знаеме дали Леброн ќе се откаже од намерата да го купи кога ќе дознае дека овој за овој PlayStation 5 од 18-каратно злато ќе мора да искешира половина милион американски долари!

За оние кои не можат да си дозволат вакво нешто (или се нормални и нема да даваат толку пари) има и „утешни“ опции за оние со нешто поплиток џеб. Имено, за цена од 5.830 долари ќе се продава модел чии странични панели се направени од кожа, како и модел чии панели се направени од карбон. Врти, сучи – испаѓа дека е поевтино отколку да земете од кај некој препродавач, а на крајот ќе имате уникатна конзола.

PlayStation 5