Откриени бесплатните PlayStation Plus игри за мај

Plus

Sony официјално ја откри поставата на бесплатни PlayStation Plus игри за мај. Без дилеми фановите ќе имаат огромна причина за задоволство кога ќе дознаат дека понудата за следниот месец е сочинета од две сосема солидни PlayStation 4 игри и еден PlayStation 5 наслов. По нешто за сите.

Battlefield V и Stranded Deep, ќе биде достапна за претплатниците на PlayStation 4 и PlayStation 5. Во меѓувреме, оние кои имаа среќа да ја добијат next-gen конзолата ќе добијат и трета бонус игра во „ликот и делото“ на Wreckfest.

Battlefield V и Stranded Deep не треба да бидат изненадување за никого, со оглед на тоа дека овие две игри „протекоа“ неколку часа пред Sony да ги потврди дека се дел од PS Plus поставата за мај. Сепак, shooter играта на DICE и EA е совршен избор и од една друга перспектива, а тоа е најавата на Battlefield 6 која се очекува следниот месец. Во меѓувреме, Stranded Deep е солидна преживувачка авантура која ги става играчите во улогата на човек кој ќе преживее пад на авион и ќе има задача да остане жив во една пустелија.

Од друга страна, Wreckfest е изненадување. Оваа игра ќе биде достапна за PlayStation 5 сопствениците со PS Plus претплата, а станува збор за тркачка игра со интересно гејминг искуство која би требало да изгледа подобро од било кога на next-gen конзолата.

Сите три игри ќе бидат достапни за PlayStation Plus претплатниците за симнување почнувајќи од 4 мај, а тоа значи дека се до ден претходно имате можност да си ги земете бесплатните игри за април.