Откриени бесплатните PS Plus игри за октомври

Според официјалните информации кои ги сподели Sony, претплатата за PlayStation Plus во октомври на играчите ќе им ги донесе Hell Let Loose (PS5), PGA Tour 2K21 и Mortal Kombat X.

Овие наведени игри ќе можат да се преземат во периодот од 5 октомври до 1 ноември.

Hell Let Loose е реалистична мултиплеер FPS игра сместена во Втората светска војна. На PC е достапна веќе две години, а сега пристигнува и на конзолите и ги носи истите големи битки во 50v50 формат.

Една од причините поради која Sony ја подарува оваа игра е што истата е лансирана од Team17, издавачка куќа чии производи Sony релативно често ги подарува (Overcooked, Worms Rumble).

Од друга страна, Mortal Kombat X е стар веќе шест години и е достапен во рамките на PS Plus колекцијата, но треба да се има предвид дека PS Plus Collection во теорија не е наменет за играчите на PS4 конзолите.

PGA Tour 2K21 e „ланска забава“, но има смисла што се дели токму оваа игра. Новата сезона во голф започна, а PGA Tour 2K22 не е ни на видикот за оваа година. Една од причините зошто 2К Sports сака да ја дели својата симулација е привлекување на публиката, со оглед на тоа дека од 2022 повторно ќе има конкуренција на пазарот, бидејќи своја голф симулација подготвува и EA Sports.