Откриени првите информации за еден од ликовите во GTA VI?

GTA

Дејв Џексон, еден од луѓето кои често се ангажирани за гласовна глума во серии и игри, го откри својот најнов ангажман кој веднаш доби внимание меѓу гејминг популацијата. Конкретно станува збор за GTA.

Имено, на својата Facebook страница Џексон објави дека најновата работа му е поврзана со Grand Theft Auto серијалот и дека е ангажиран од страна на Rockstar да го позајми својот глас за еден полицаец кој е лик во самата игра. Тоа беше доволно за многумина веднаш да посочат дека ги имаме првите детали за GTA VI, но не е баш така едноставно. Во својата објава, Џексон го напиша следново:

„Штотуку дознав од продуцентите, така што е официјално. Ќе бидам полициски капетан McClane во новиот Grand Theft Auto серијал. Немав срце да им кажам дека немам баш време за такво нешто! Ха-ха! Но, ќе спијам некогаш. Сигурен сум! Но, сериозно, голема привилегија е да работите со така професионална и забавна група на луѓе. Ако сте гејмер, следете ме за идни новости околу сето ова“.

Том Хендерсон, еден од најпознатите инсајдери во гејминг индустријата го „фати“ Џексон да му ја појасни оваа објава, но истакна дека нема премногу информации за сето ова. Не е ни сигурен дали станува збор за GTA 6 или некоја експанзија за „петката“. Но, Џексон рече дека трејлерот е во изработка и дека наскоро би можеле да дознаеме повеќе. Се чини дека, ако трејлерот е така блиску, дека би можело да станува збор за нов лик за GTA Online или нова содржина за „новата и подобрена“ GTA V која излегува на новите конзоли кон крајот на годината.

Очигледно е дека мораме со внимателност да заклучуваме за што точно станува збор. И додека нема сомнежи дека Џексон ја добил улогата која е поврзана со GTA, се останато засега е непознато.