PES 2021 пристигна и на мобилните телефони, PES 2020 оди во пензија

PES 2021

Мобилната верзија на PES доби ажурирање за новото 2021 издание, а Konami порача дека дигиталната верзија на минатогодишниот PES целосно ќе биде отстранет од продажба.

еFootball PES 2021 од денеска е достапен на Android и iOS мобилните платформи. Како и обично, играта автоматски ќе се ажурира кај сите сопственици на мобилната верзија на PES 2020, а по повод лансирањето на новата верзија, Konami доделува и неколку ситни награди. Секој ден до 31 октомври играчите ќе можат да добијат по 50 MyClub бодови ако ја стартуваат играта. Целиот остварен напредок од претходната верзија останува зачуван и во новата, но само ако корисникот не ја отстранил играта пред ажурирањето. Во спротивно ќе треба да се обратат до Konami, кој објави специјални насоки на својот вебсајт.

Освен ова, денеска е најавено и пензионирањето на PES 2020 за PC и конзолите. Серверите за играта и понатаму ќе бидат активни, но истата веќе нема да може да се купи после 26 ноември годинава. Новите играчи исто така нема да можат да ја преземат eFootball PES 2020 Lite верзијата. Сите постоечки сопственици на играта и понатаму ќе можат да ја симнуваат, но под услов претходно да ја симнале барем еднаш пред 26 ноември. По истиот датум ќе исчезне и можноста за играње онлајн во PS4 верзијата преку Share Play опцијата. Комплетното гаснење на серверите за онлајн мултиплеер исто така не е далеку – засега нема конкретен датум, но од Konami порачуваат дека истиот ќе биде објавен наскоро.

Секако, да не заборавиме, како најава за лансирањето на мобилната верзија eFootball PES 2021 од Konami објавија и соодветен трејлер кој можете да го погледнете погоре во текстот.