PES е историја, на сцена стапува eFootball кој ќе биде бесплатен

Master League

Konami најави значителен пресврт во некогашниот PES серијал. Нов PES нема да има, останува само името eFootball, која ќе биде free-to-play игра за мобилни телефони, конзоли и PC.

Konami стави крај на својата Pro Evolution Soccer франшиза. Поточно, го испрати името PES во историјата и, како што се шпекулираше, отсега ќе имаме само eFootball. Но, најголемата промена е тоа што повеќе нема да имаме PES, односно eFootball игра која ќе се плаќа и ќе можеме да ја купиме во физичка форма. Новиот eFootball ќе биде бесплатна игра и ќе може да се земе само во дигитален формат.

Но, eFootball добива нешто што најголемиот конкурент FIFA го нема, а тоа е целосна cross-platform функционалност. Тоа значи дека сите платформи ќе можат да играат едни против други.

Ова практично значи дека демото кое неодамна можеше да се одигра на PS5 е навистина новиот eFootball. Иако делуваше подпросечно за стандардите на PES, а не пак за новата генерација на конзоли, но од Konami велат дека eFootball на PS5 и XSX/S ќе се одликува со најновите технологии кога станува збор за графиката. Исто така и тие, како и EA Sports, најавуваат нов состав за анимација на движење на фудбалерите.

Инаку, free-to-play моделот не ви гарантира бесплатен пристап за офлајн режимите. Имено, ако сакате да играте Master League, ќе морате овој мод да си го купите посебно.

Треба да се напомене и дека eFootball ќе биде своевиден early access наслов. Најпрво на почетокот на есента ќе добиеме можност да играме локални мечеви со девет лиценцирани клубови, потоа cross-gen меѓу PS5 и PS4 конзолите. Потоа на есен пристигнуваат онлајн лигите, нешто налик myClub модот и cross-platform поддршката. На зима пристигнуваат и eSport турнирите, полниот cross-platform и верзијата за мобилни.