PlayStation 5 добива SSD експанзија веќе ова лето

PlayStation 5 SSD

Sony ќе овозможи PlayStation 5 да користи експанзија на SSD капацитетот од ова лето, според најновиот извештај на Bloomberg. Оваа функционалност се најавува дека ќе пристигне со апдејт кој ќе го активира M.2 слотот за експанзија на PS5, кој во моментов е оневозможен. Sony претходно при лансирањето на PlayStation 5 истакна дека SSD експанзијата е „резервирана за некои идни апдејти“.

Според извори на Bloomberg, апдејтот на фирмверот ќе овозможи зголемување на брзината на вентилаторите на PlayStation 5. Инаку, PS5 има вградено исклучително брз SSD, секој компатибилен third-party драјв ќе мора да биде подеднакво брз со цел да може да складира и да поддржува PS5 игри, а тоа ќе генерира поголема топлина на процесорот.

Со новиот апдејт на фирмверот, конзолата би добила инструкции за поинтензивно ладење. Вентилаторите на тој начин ќе почнат да работат на повисоки вртежи во минута, со цел да не дојде до прегрејување на конзолата. Останува да се види како сето ова ќе се одрази на бучавата на PlayStation 5. Досега конзолата беше релативно тивка, особено во споредба со претходната генерација на PS, но очигледно е и дека вентилаторите не работеа со полна сила, а со опцијата за додавање на дополнителен SSD тоа ќе биде и повеќе од неопходно.

Во моментов, PlayStation 5 пристигнува со 825 гигабајти SSD, а корисниците имаат само 667 гигабајти простор за користење кога ќе се форматира. Со оглед на тоа дека големината на игрите постојано расте, PS5 корисниците со сигурност ќе имаат голем бенефит со можноста за унапредување на капацитетот.