PlayStation купи важно студио за префрлање на своите игри на PC

PlayStation

Холандското студио Nixxes Software, помалку неочекувано, стана дел од семејството на PlayStation Studios.

Sony тргна во офанзива за значително проширување на PlayStation Studios семејството. Две години не вложуваше во своите студија, а оваа недела најавија купување на финското студио Housemarque и многу веројатно во својата постава го додадоа и Bluepoint Games, иако за тоа се уште се чека официјалната потврда. Но, PlayStation добива уште едно студио за кое веројатно малкумина се надеваа дека ќе го купи. Сега дел од ова семејство е и Nixxes Software.

Зошто ова претставува „чудна“ аквизиција на Sony? Затоа што Nixxes Software во своите 22 години постоење никогаш нема направено ниту една своја сопствена игра. Тоа е „технички студио за игри“ чие мото гласи: „Ги правиме игрите подобри“. Со други зборови, студиото се занимава со портање и оптимизирање на игрите за дополнителни платформи.

Чудно е ова од причина што Nixxes нема правено игра за PlayStation платформата цели осум години. Всушност, во 22 години само трипати портале игра за PS. Што тогаш значи тоа што Sony купува студио кое воопшто не прави игри за PlayStation конзолите?

Одговорот веројатно лежи во планот на Sony за префрлување на своите игри на PC платформата. Имено, Nixxes најмногу игри има оптимизирано токму за PC, а најчесто соработуваа со Square Enix за игрите Tomb Raider и Deus Ex серијалите. Исто така заслужни се и за PC верзиите Thief, Hitman: Absolution, Kane & Lynch и Legaxy of Kain: Soul Reaver.