По Dota, на Netflix пристигнува и League of Legends серијата наречена Arcane

Arcane

Првата аниминира ТВ серија инспирирана од League of Legends, Arcane, пристигнува на Netfilx оваа есен, ако се суди според тизер трејлерот кој беше објавен пред помалку од 24 часа. Но, не се возбудувајте премногу околу трејлерот, бидејќи станува збор за видео кое трае 19 секунди и не открива ништо посебно, но ни дава одреден увид во серијата која беше најавена уште во 2019 година.

Во краткото тизер видео фокусот е ставен на Jinx, еден од најлегендарните шампиони во League of Legends. Нејзината сестра Vi исто така се појавува кратко, со што се засилуваат шпекулациите дека Arcane најверојатно ќе се фокусира на потеклото на приказната за двата лика.

Arcane беше официјално најавена за време на 10-годишнината на League of Legends, а серијата ќе биде развиена и продуцирана од страна на Riot Games. Компанијата откри дека серијата е поставена во утопискиот Piltover и подземјето на Zaun, како и дека во главната улога ќе се најдат „два легендарни League шампиони“, кои по се изгледа се Vi и Jinx.

Иако деталите се уште не се познати, од она што можеме да го видиме, Jinx би можела да биде негативецот, додека Vi ќе има важна улога во целата серија, а фановите ќе можат да очекуваат шоу исполнето со акција. Секако, со оглед на тоа дека дејството ќе се одвива во Zaun и Piltover, можеме да очекуваме и други шампиони од овие региони да се појават на малите екрани.

Од друга страна, Arcane е уште еден пример дека Netflix сериозно вложува во контент фокусиран на видео игрите. Стриминг платформата доживеа голем успех со Castlevania, по што следуваше The Witcher, за од неодамна да пристигне и DOTA: Dragon’s Blood, аниме серија базирана на Dota 2.