По стапките на eFootball, FIFA станува бесплатна и добива cross-play

FIFA бесплатна

Одлуката на Konami за некогашниот PES, а сега eFootball во целост да го пресели на free-to-play формат предизвика сериозно внимание во гејмерската јавност. На некои таквата одлука им се допадна, на други не. Трети се прашуваат како тоа ќе влијае на борбата на оваа франшиза со својот главен конкурент, FIFA серијалот, кој, ако сме искрени и објективни, прилично им „побегна“ на Јапонците. Секако, се појавија и претпоставки дека можеби и ЕА ќе се одлучи својот фудбалски серијал FIFA да го внесе во free-to-play водите, односно играта да ја направи бесплатна.

Пред да помислите дека такво нешто е невозможно, пристигнува вест која би можела силно да одекне на целата гејминг сцена. Иако ова делува мошне нерелно, познат FIFA инсајдер тврди дека и оваа франшиза наскоро би можела да стане бесплатна за играње.

Donk, инсајдерот кого љубителите на овој фудбалски серијал многу добро го познаваат како некој кој во минатото многу често имал точни и проверени информации поврзани со FIFA франшизата, тврди дека идното издание на играта, FIFA 23, навистина би можело да биде free-to-play и дека со него ќе стигне и можноста за cross-play играње.

Повторуваме, одлуката EA Sports една од своите најпрофитабилни франшизи да ги направи во бесплатно искуство навистина звучи невозможно, но знаејќи ги навиките на овој гејминг гигант, дури и ако вакво нешто се обвистини, нема дилеми дека ЕА ќе пронајде начин и на бесплатната FIFA да сврти неколку милијарди.