Потврдена една PS Plus бесплатна игра за јули, преку најава за PS5 ремастер

PS5 PS Plus

Се чини дека е се посигурно дека бесплатната PS5 игра за PS Plus претплатниците во јули навистина ќе биде ремастерот за новата генерација на A Plague Tale: Innocence.

Минатата недела ResetEra корисникот deluxera објави еден куп детали во пресрет на E3 за оваа сингл плеер авантура на Asobo Studio, што речиси сите се покажаа како точни. Овој „инсајдер“ сподели дека продолжението, наречено A Plague Tale: Requiem ќе биде најавено за време на Microsoft E3 настанот и тоа се оствари. Исто така потврди дека new-gen ремастерот на оригиналната игра ќе биде лансирано и дека ќе биде вклучено во јулската постава на PlayStation Plus, ексклузивно за PlayStation 5 корисниците.

И додека PS Plus поставата за јули допрва треба да биде официјално потврдена од страна на Sony, ремастерот на A Plague Tale: Innocence беше претставен, уште еднаш потврдувајќи дека овој „ликер“ е во право.

Паблишерот Focus Home Interactive најави изминатиот викенд дека играта од 2019 година ќе добие унапредување за PlayStation 5 и Xbox Series X/Ѕ. Оваа верзија ќе им овозможи на играчите да ги искусат авантурите во 4К ултра HD со 60fps и 3D аудио. Исто така, ќе има и голем број на визуелни засилувања, вклучително и унапредени сенки и осветлувања. Унапредувањето треба да биде достапно од 6 јули, што секако дека ќе се поклопи одлично со тоа да биде PS Plus подарок за следниот месец.

Во моментов малку е веројатно дека последната информација на deluxera ќе се покаже како неточна, па прилично сме сигурни дека A Plague Tale: Innocence речиси сигурно ќе биде PS5 PS Plus бесплатна игра за јули.