Овој PS2 емулатор им дава неверојатен визуелен ремонт на старите игри

PS2

Не е тајна дека PlayStation 2 останува една од најпопуларните и најсаканите конзоли на сите времиња. PS2 е всушност и огромен фактор поради кој PlayStation и официјално е најпопуларниот бренд за конзоли во историјата. Со повеќе од 159 милиони единици продадени на глобално ниво од нејзиното лансирање во 2000 година, „двојката“ останува најуспешната конзола некогаш лансирана.

Голем број фантастични игри беа направени за PS2, па често оние кои се уште ја чуваат конзолата знаат да седнат и да свртат некоја партија, да се потсетат на безгрижните денови. Но, што е со оние кои одамна ја имаат загубено или продадено? Повеќето играчи ќе се насочат кон емулација, иако е важно да се напомене дека емулацијата се уште тлее некаде во „сивата зона“. Во моментов, единствениот морално и легално прифатлив начин да се користи ROM е со поседување на физичка копија на играта која ја играте преку емулатор.

Како и да е, нашиот фокус тука е PCSX2, PS2 емулатор кој прави некои навистина импресивни чекори во последно време. Како што пренесува Kotaku, PCSX2 сега е апдејтнат да може да им овозможи на оние кои користат емулатор за PC да ги променат текстурите во играта.

Други емулатори долго време ја поддржуваа оваа карактеристика, што овозможуваше некои навистина прекрасни апдејти. Игрите како The Legend Od Zelda: Twilight Princess добија сосема нов изглед и живот со унапредени визуелни моменти и подобрена текстура. Сега, истите резултати можеме да ги видиме и со PS2 класиците, а модерите веќе покажуваат дека тоа е возможно. Погледнете го само видеото кое е прикачено погоре, во кое се прикажува колку подобри овие постари игри можат да изгледаат само со неколку измени. Највозбудливо е што овој апдејт штотуку излезе, па набрзо ќе гледаме некои навистина импресивни визуелни унапредувања.