PlayStation 5 DualSense контролерот конечно добива нови бои

DualSense

Новата генерација на PlayStation конзолата го воодушеви светот, особено кога станува збор за новите и технолошки напредни DualSense контролери, кои се одликуваат со голем број на нови карактеристики никогаш претходно забележани кај гејминг конзолите. Сепак, единствениот „проблем“ кој го посочуваат гејмерите е неговата „грда“ боја. Попрво би кажале дека проблем е тоа што нема поголем избор на бои, па на размазените PS5 фанови им недостасува барем некаква персонализација на DualSense контролерите.

Од друга страна, досегашните искуства не научија дека белата боја, долгорочно гледано, не е баш најатрактивниот избор на боја за еден контролер според гејмерите. Пред се, после некое време белата пластика пожолтува и го губи својот сјај. Секако, секогаш постои опција самите да глумите уметници па да си ги обоите контролерите, но тоа едноставно не е тоа.

Но, на овие „проблеми“ им доаѓа крајот. Во случај да не ви се допаѓа стандардната изведба на DualSense контролерот, PlayStation, односно Sony подготвува решение. Имено, според гласините на шпанскиот портал AreaJugones, кој се повикува на извор близок до Sony, наскоро ни следува лансирање на две нови верзии на DualSense контролерот. Ако тие гласини се точни, тогаш PS5 контролерот би можел да се појави во црвена и сива варијанта.

Ништо од сето ова се уште не е официјално потврдено, но сите знаеме дека појавата на нови бои на PS5 DualSense контролерот е само прашање на време. Патем, Sony неколку пати се закани на неколку фирми кои сакаа да понудат поинаква верзија на контролерот или конзолата, а тоа значи дека и самите нешто подготвуваат. Како и да е, споменатиот медиум исто така во минатото се има покажано како релативно сигурен извор на информации, а уште пред официјалната најава откриваа кои игри доаѓаат во рамките на PS Plus претплатата.