PS5 игрите добиваат Denuvo анти-чит заштита

Denuvo

Denuvo не е популарен термин меѓу повеќето гејмери, но нема дилеми дека оваа технологија е на врвот кога станува збор за анти-чит заштитата. Па, кога на девелоперите им е потребно нешто што ќе ги заштити нивните игри од хакнување, Denuvo е најдобриот софтвер кој ќе го изберат за своја заштита.

Претходно оваа година Denuvo Anti-Cheat технологијата против мамење во онлајн игрите доби официјална интеграција на Steam, односно по своја желба можат да ја користат сите производители и издавачи кои ги објавуваат своите игри на Steam. Сега, пристигнува вест дека компанијата Irdeto која се занимава со развивање на заштита против пиратерија и мамење, одлучи да го прошири својот круг на делување и на конзолите. Denuvo и Sony почнуваат официјална соработка, што значи дека анти-чит заштитата ќе може да се користи и во игрите за PlayStation 5 конзолата.

Засега се уште нема игри кои на PlayStation 5 го користат Denuvo Anti-Cheat составот, но во секој случај, Denuvo „под свое“ има 2 милијарди уникатни инсталации на игри и преку 1.000 наслови под своја заштита, со кои не само што ги штити од пиратерија, туку исто така обезбедува „и онлајн и офлајн гејмплеј прогрес“.

„Мамењето ги уништува видео игрите за чесните играчи. Тоа може да доведе до помало ниво на ангажман, сообраќај на игри и намалување на приходите за издавачите на игри. Навистина сме горди што можеме да им помогнеме на најталентираните програмери во светот да донесат богати искуства за гејмерите на PlayStation 5“, изјави Рејнхард Блаукович, директорот на Denuvo.