PS5 конзолата во PS2 стил откажана бидејќи вработените добивале закани

PS5 PS2

Кога станува збор за дизајнот на конзоли, тешко дека досега се има појавено некој кој е поконтроверзен од PlayStation 5. Без оглед дали ви се допаѓа, или пак ве нервира, најновата конзола на Sony никого не остави рамнодушен. Уште од претставувањето, фановите се надеваа дека ќе добијат и црна верзија на конзолата, а во меѓувреме една компанија лансираше PS5 конзола во PS2 стил која успеа да привлече огромно внимание.

Кога концептот за конзолата се појави на Reddit уште во декември, на гејмерската јавност и се допадна дизајнот толку многу што Sup3r5 најави дека истиот ќе го направи реалност. Мат црниот екстериер и PS2 деталите направија сите кои го видоа ова ремек-дело да се заљубат во него, а исклучително ограничениот број на нарачки го направија ова сон за секој колекционер. Неофицијалната PS5 конзола и контролери со PS2 тематика требаше да се продаваат по цена од 99 долари за контролерот, односно 649 долари за конзолата. Специјалните дизајни беа резервирани за само 500 контролери и 304 системи.

Sup3r5 најави дека конзолата и контролерите ќе се појават во продажба на 5 јануари 2021 година, а иако фановите веќе си подготвија и пари за да си ја обезбедат својата конзола од соништата, компанијата на крајот мораше да ги откаже сите нарачки.

Според GameRant, Sup3r5 објави порака на својот сега веќе избришан Twitter акаунт, истакнувајќи дека сите нарачки се откажани и дека компанијата ќе ги враќа парите. Причината за откажувањето се наводно заканите упатени кон вработените на Sup3r5. Освен тоа дека ова можеби е вистина, во јавноста засега малку се знае за сето ова.

На сајтот на Sup3r5 пишува: „Лансирањето на нашите ретро контролери и конзоли се откажани. Ги откажуваме и ги враќаме во целост парите за сите нарачки во следните денови. Ќе добиете нотификација кога рефундирањето ќе биде процесирано“.