Рамбо доаѓа во Call of Duty: Warzone

Рамбо Warzone

Се чини дека Call of Duty: Warzone наскоро во целост ќе ја искористи својата нова тематика сетирана во 80-тите години на минатиот век со воведување на еден од најголемите акциони херои на своето време. Според најновиот тизер, во Warzone пристигнува лично и персонално Џон Рамбо, кој ќе се вклучи во популарниот battle royale како игрив оператор.

Фановите забележаа дека официјалниот Call of Duty профил на Twitter објави неколку твитови кои содржат скриени референци за доаѓањето на Рамбо во Warzone. Во првиот твит ги запрашуваат играчите дали слушнале за „SURVIVORJOHN#1009062“, пред да ги покажат неговите неверојатни статистики.

Како што можете да видите во прилог, мистериозниот играч има 552 убиства, ниту една смрт, седум одиграни часа, пет победи и пет одиграни меча. Twitter корисникот ericmaynardll се чини дека ја разоткри оваа мистерија и веднаш посочи дека Рамбо собрал 552 убиства во текот на своите пет филмови, кои севкупно траеја околу седум часа. Со други зборови, или ова е потврда дека Рамбо доаѓа во Verdansk, или станува збор за најголемата коинциденција која сме ја виделе досега.

Кратко потоа, уште еден тизер беше споделен преку Twitter. Ретвитувајќи прашање од еден фан дали би можеле да видиме некој акционен херој од 80-тите години со цел да се вклопи со тематиката на Verdansk 1984, профилот на Call of Duty имаше краток и јасен одговор.